Генерал-полковник Кит Келог, ветеран од Виетнамската и Заливската војна, денес е помошник на американскиот претседател Доналд Трамп и специјален претседателски изасланик за Украина. Во интервју за The Telegraph, Келог изнесе остри оценки за Владимир Путин и предупреди на опасностите од руската експанзија.„Путин е агент на КГБ. Никогаш не престана да биде еден од нив. Тој е манипулатор. Се прави дека не зборува англиски, а ние го фативме неколку пати дека всушност зборува. Единствено оружје против ваков човек е силата,“ изјави Келог.На прашањето дали Русија, доколку ја освои Украина, би нападнала земја-членка на НАТО, Келог одговори без двоумење:„Апсолутно. Путин сака да го обнови Руското Царство. Историјата е јасна – тоа ме потсетува на Хитлер во 1938 година кога бараше Судети, па Порајне, Полска, а потоа почна Втората светска војна. Историјата не се повторува, но се римува. Затоа мора да го запреме – сега.“Келог го опиша Путин и како „реалист“ кој, ако се зголеми улогот, ќе отстапи.„Путин е во заблуда дека победува во оваа војна. Трамп му дава време и простор за преговори, но картите се сè уште во наши раце,“ нагласи тој.Според него, приоритетот е прекин на огнот:„Трамп претпочита мировни преговори, јас прво прекин на огнот – затоа што еднаш кога ќе застане, тешко е повторно да започне.“81-годишниот генерал оцени дека руските загуби во Украина – мртви и ранети – веќе надминуваат еден милион. Тој и порача на Европа дека мора да се подготви за поддршка на Украина и без американска помош, додавајќи дека тоа не значи целосно повлекување на САД, туку потреба Европа да „стои на свои нозе“.

Сподели го овој напис