Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека новинарите кои негативно известуваат за неговата администрација го прекршуваат законот.„Земаат една одлична приказна и ја прават лоша. Видете, мислам дека тоа е навистина незаконски“, порача Трамп пред новинарите во Овалната соба.Тој не прецизираше конкретен закон кој, според него, е прекршен, но додаде:„Кога 97 проценти од приказните за некоја личност се лоши, тоа веќе не е слобода на говор“.Оваа негова изјава дојде откако претходно изјави дека на одредени телевизиски мрежи треба да им се „одземат“ лиценците.Претседателот и Брендан Кар, шеф на Федералната комисија за комуникации, ги засилија заканите кон медиумите откако телевизијата АБЦ го суспендираше комичарот Џими Кимел поради неговите коментари за убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк.Суспензијата предизвика протести кај демократите и дел од републиканците. Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, побара оставка од Кар, додека републиканскиот сенатор Тед Круз ги оцени постапките на Кар како „опасни“.Трамп, пак, во Овалната соба застана во негова одбрана, нарекувајќи го „неверојатен“ и „голем Американец“.„Мислам дека Кар е храбар човек. Не сака да гледа како медиумскиот простор се користи незаконски и неправилно“, истакна американскиот претседател.

Сподели го овој напис