На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, остро ја критикуваше актуелната влада, обвинувајќи ја за неспособност, лаги и свесно загрозување на здравјето на граѓаните во услови на сериозна еколошка криза.Кузеска истакна дека Владата го потврди скандалот што СДСМ претходно го објави, односно дека 400 пожарникари, кои беа најавени со голем ПР, сè уште не ја добиле првата плата, иако активно работат на терен среде разгорени пожари. Таа го нарече ова "празно оправдување и потценување на граѓаните".„Млади луѓе со месеци се ангажирани во општините, останаа без денар, а граѓаните без вистинска заштита од пожари и еколошки катастрофи,“ рече таа.Според Кузеска, власта на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што е неспособна, туку и ги манипулира граѓаните со лажни приказни и изговори за наводни хибридни напади, додека, како што рече, „народот се гуши во канцерогени честички“, депониите и понатаму горат, а 20% од територијата е изгорена.Таа предупреди дека повеќе не станува збор само за неспособност и лаги, туку за свесно загрозување на здравјето и животот на луѓето. Според СДСМ, по пожарот во Трубарево, граѓаните на Скопје дишеле олово, арсен и кадмиум, а власта, наместо да реагира итно, молчела и уверувала дека опасност нема.„Лично Христијан Мицкоски тврдеше дека загадувањето на воздухот не е големо,“ рече Кузеска, оценувајќи ја власта како „неспособна, измамничка и без чувство за одговорност.“СДСМ бара итна одговорност од владата за справување со пожарите, за еколошката катастрофа и за, како што велат, лагите со кои се излажани и граѓаните и пожарникарите.

Сподели го овој напис