Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против четири лица за кривично дело Предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик, поради сомнение дека заеднички подметнале експлозивна направа пред една куќа во градот.Според прибраните докази во предистрагата, на 12 јули годинава осомничените активирале и фрлиле рачна бомба М-75 кон куќа на улицата „Охридска“. Од експлозијата биле оштетени седум паркирани возила, а била предизвикана и сериозна опасност по животот и телото на граѓаните во централното градско подрачје.Двајца од осомничените со моторцикл директно учествувале во подметнувањето на експлозивот, додека другите двајца имале соизвршителски дејствија со кои овозможиле и придонеле за извршување на делото.Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола поднесе предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, од кои еден во моментов е недостапен за органите на прогонот.

Сподели го овој напис