ЈП „Лајка“ соопшти за уште еден шокантен случај на суровост врз животните, откако непознат сторител фрлил куче од железничката станица во Скопје.„Вознемирувачка содржина. Утрово добивме повик за крајно вознемирувачка случка која повторно не потсетува до каде може да оди човечката суровост. Непознат сторител извршил монструозен чин и фрлил куче од железничката станица во Скопје“, објавија од ЈП „Лајка“.Тие информираат дека нивниот тим веднаш интервенирал и го префрлил кучето во амбуланта, каде што биле вложени максимални напори од страна на докторите.„За жал, и покрај сета борба, Нори – куче кое уште во 2023 година помина третман кај нас – денес го изгуби животот поради силно внатрешно крварење“, наведуваат од таму.Според информациите, Нори често била забележувана на повеќе локации низ градот, а станувало збор за питомо и мирно куче кое никому не пречело.„Овој бесправно и сурово одземен живот нема да остане незабележан. Настанот веднаш ќе биде пријавен до надлежните институции, до кои апелираме да ги искористат сите механизми за пронаоѓање и санкционирање на сторителот на ова тешко кривично дело. Апелираме и до граѓаните – доколку сте сведоци на вакви дела, пријавете ги веднаш. Само со заедничка реакција можеме да ставиме крај на ваквото насилство и да изградиме општество во кое животите на животните се почитуваат“, стои во соопштението на ЈП „Лајка“.

Сподели го овој напис