Адвокатот и поранешен судија во Кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ, остро ја критикува состојбата во правосудството и институциите, предупредувајќи дека ниската доверба на граѓаните е последица на отсуство на одговорност и одлучност.„Секоја влада ќе го користи аргументот за 2% доверба во судството за да не ја исполни законската обврска за исплата на плати на судиите согласно законот. Постои генерална недоверба во институциите и тоа е реалност и клучен фактор на нестабилно општество. Никој не понесе одговорност за ништо, напротив функционерите, вклучително и во правосудството, рефлексно ја отфрлаат својата одговорност која е клучна за довербата и ефикасноста на институциите,“ вели Туфегџиќ.Тој додава дека ниту е намален криминалот, ниту трагедиите во сообраќајот, ниту корупцијата, а секојдневно се појавуваат нови скандали и случаи без последици за одговорните. Според него, правосудството не покажало одлучност да се справи со мал број судии и обвинители кои директно придонеле довербата да падне на само 2%.„Се дозволи пар обвинители и судии да експериментираат со правната наука, обвинители кои не го почитуваат принципот на хиерархија и субординација, кои редовно поднесуваат проблематични обвиненија што судиите мораат да ги влечат на сила. Наместо со докази, вина се докажува со импровизирани методи и стандарди непознати во правната наука. Тие станаа најопасни поради својата суета и лични фрустрации. Кога одлуката произлегува од суета, тоа не е правда, туку силување на правда од позиција на моќ,“ нагласува Туфегџиќ.Тој заклучува дека мал број подпросечни судии и обвинители биле оставени надвор од зоната на одговорност, а државата предолго толерирала вакви појави. „Се дозволи… премногу се дозволи… толку многу се дозволи што нема оправање,“ предупредува Туфегџиќ.

Сподели го овој напис