Професорката по право, Мирјана Најчевска, остро реагираше на најавените измени во Законот за безбедност во сообраќајот, со кои од 26 септември стапуваат во сила нови казни – 40 евра за пешаци кои користат мобилен телефон на пешачки премин и 50 евра за возачи кои зборуваат на телефон или носат слушалки додека управуваат со возило.„Не сте нормални, најсериозно. Возењето со мобилен треба да се казнува најмалку 1000 евра, а најдобро е да се казнува процентуално согласно со примањата на прекршителот. Автомобилот е убиствено орудие, а не пешакот. Како ќе казнуваш пешак со мобилен на пешачки премин? На пешачки премин треба да сум заштитена, а не да се пазам од секоја будала која ја штити естаблишментот“, напиша Најчевска.Таа постави и прашања за ранливите категории на граѓани: „Што правиме со тие кои се со оштетен слух? А со старите кои не се концентрирани? Да не ги пуштаме на улица? А децата кои не се концентрирани и нив да не ги пуштаме? А тие со попреченост и нив да не ги пуштаме на улица?“Новите измени, според Министерството за внатрешни работи, треба да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ги санкционираат навиките кои со години ја намалуваа сигурноста на улиците.

Сподели го овој напис