Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против едно лице од Неготино за кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 19 (во обид), како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.Осомничениот ги извршил кривичните дела спрема градоначалникот на Неготино. На 2 септември, од анонимен фејсбук профил му испратил порака со сериозни закани кон него и неговото семејство, обидувајќи се да го присили да му исплати 3.000 евра.Во периодот од 4 до 18 септември, во неколку наврати, осомничениот испраќал пораки со смртни закани и на официјалната електронска пошта на Општината. Со тоа, кај оштетениот и неговото семејство предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.Бидејќи постои опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.

Сподели го овој напис