Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на настанот „Поддршка и поттикнување на користењето на воспоставениот акредитиран систем за пренос на класифицирани информации“ на кој се означи старт на дигитализација и унапредување на процесот за издавање на судски наредби за посебни истражни мерки помеѓу Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Оперативно техничката агенција.
Министерот Тошковски истакна дека дигитализацијата на процесот за издавање на судски наредби за посебни истражни мерки по член 252, став 1, точка 1 од Законот за кривична постапка на Република Македонија е срж на ефикасното функционирање на институциите при заштита на безбедноста и владеењето на законите преку дигитализација на чекорите.
„Преку оваа алатка, нашите аналитички тимови и оперативните единици во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал драматично ќе ги унапредат своите задачи преку апликацијата на системот. Кога е потребна посебна истражна мерка, МВР во дигитална форма ги подготвува сите релевантни податоци и преку платформата ги доставува до Јавното обвинителство. Обвинителите ги разгледуваат предлозите, ги проверуваат условите за посебна истражна мерка и кога се исполнети критериумите, ги одобруваат, а Судот, независно и професионално, ги оценува доставените барања и ги проследува до МВР и Јавното обвинителство.“, образложи министерот Тошковски.
Министерот Тошковски ги објасни придобивките од овој процес кои се зголемување на брзината и ефикасноста на самиот процес, безбедноста на комуникацијата, намалување на можноста од човечка грешка а зголемување на транспарентноста и отчетноста на секоја фаза.
Тошковски објасни дека овој систем првин ќе биде имплементиран за подрачјето на Скопје а следна фаза во целата држава.
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев во своето обраќање нагласи дека воведувањето на овој систем ќе го редефинира начинот на кој се доставуваат и разменуваат строго доверливи судски наредби – со фокус на посебните истражни мерки, согласно член 252, став 1, точка 1 од Законот за кривична постапка.
„Тоа што досега беше бавен и ранлив процес, со премногу раце и премалку отчетност, денес го претвораме во затворен, автоматизиран и безбеден дигитален систем, каде секој потег е евидентиран, секој документ е заштитен, а секоја минута е добиена – за акција, за вистината, за правдата. Овој систем е повеќе од технолошко решение – тој е вредносна одлука.“, истакна директорот Јанев.
Јанев го прецизираше процесот како ќе изгледа во пракса.
„ Министерството за внатрешни работи ќе изготвува предлози за посебни мерки и ќе ги испраќа по електронски пат до обвинителството. Обвинителството ги разгледува и ги проследува до судот, кој потоа електронски ја носи одлуката. Судските наредби се враќаат – една до МВР, друга до ОТА – Скопје, во анонимизиран формат. Сè се одвива во заштитена дигитална средина – без хартија, без чекалници, без ранливи човечки алки.“, заврши директорот Јанев.
Сите страни беа сложни дека оваа иницијатива не е само технички проект, туку симбол на нашиот колективен стремеж кон модерни и ефикасни институции кои го штитат јавниот интерес и секој чекор напред значи побрза правда, поголема безбедност и поголема доверба на граѓаните во системот.