Реакции покрена името на Ленче Ристоска, обвинителка за врски со Европравда, а порано дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство, кога се најде на листата за судии во Стразбур. Покрај значајните предмети кои ги водела и позитивните критики, се фрла сомнеж на целата постапка поради нејзина далечна, но сепак роднинска врска со сопругата на министерот Тимчо Муцунски. Вклученоста на Муцунски во процесот е само како предлагач на членовите на Комисијата која ги оценува кандидатите, а што Владата ја избира на седница.
Истовремено, првиот услов за предлог и избор на судиите во Стразбур е највисок морален углед, а Ристоска е опфатена во предметот за бонусите во СЈО. „Скопје1“ побара став од неа, околу овие прашања, како и тоа кога последен пат работела обвинителски предмет, со оглед на нејзиниот ангажман во Европравда – но не добивме одговор.
Да станеш судија во Стразбур, за голем дел од правниците е највисоката функција која би можел да ја добиеш во кариерата. Но, во Стразбур, каде се бира еден од трите предлози кои ќе дојдат, пред сѐ се бара: „Судиите треба да уживаат висок морален углед“. Тоа, меѓу другото би значело личност против која не се водат никакви постапки, која не е инкриминирана во било какви незаконски дејанија, за која нема ниту сомнеж за корупција.
За обвинителката Ристоска е познато дека е опфатена во предметот за бонусите кои биле исплаќани во СЈО. За овој случај се бараше и разрешување на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски. „Скопје1“ инсистираше Обвинителството да даде одговор до каде е овој случај и каква одлука е донесена – но залудно. До овој момент, оттаму молк. За него се покрена и „војна“ помеѓу обвинители, откако Вишото обвинителство побара предметот да се реотвори, а републичкиот обвинител Љупчо Коцевски ја сметаше ваквата одлука за незаконска. Ја прашавме и Ристоска, дали тоа што е опфатена во овој предмет, придонесува кон тоа да ѝ е нарушен моралниот углед – но до овој момент не добивме одговор.
Потоа, успеавме да ја потврдиме информацијата дека Ристоска е во роднинска врска со Симона Муцунска, сопруга на Тимчо Муцунски. Ова ни го потврдија и од Министерството за надворешни работи, од каде велат дека: „не се блиски роднини“. Сепак, токму МНР предлага членови на Комисијата до Влада, а истата е составена од претставници на министерството, Врховен и Уставен суд, Судски совет, Совет на јавни обвинители, Министерство за правда, универзитети. Владата има улога на одобрувач на предложениот состав, што ѝ го сторила. Ристоска не одговори на прашањето дали Муцунски имале удел во тоа предлогот со нејзино име за судија да допатува до Влада. Истовремено, МНР велат дека нема конфликт на интереси.
„Во однос на прашањето за роднинската поврзаност на сопругата на министерот со еден од кандидатите, посочуваме дека станува збор за сродство од четврти степен по странична линија – однос кој, согласно позитивната законска регулатива, пред сè во контекст на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, не се смета за правно релевантен. Таквиот степен на сродство не создава обврска за изземање, не се пријавува како близок роднински однос и не претставува основ за преземање мерки за заштита од потенцијален судир на интереси. Министерот ниту има надлежност, ниту влијание врз процесот. Во конкретниот случај не постои основ за изземање, ниту за пријава на судир на интереси, ниту пак, постои ризик од нарушување на принципите на објективност и непристрасност“, велат од МНР.
Сепак, за Европскиот суд за човекови права, доволно е да постои легитимен сомнеж дека судот не е непристрасен, за да утврди повреда на правото заштитено со Конвенцијата. Таму постои т.н. објективен и субјективен тест. Во случајот, Комисијата на МНР (орган кој заседава за апликантите) не го применува објективниот тест, поради сомнеж дека на листата селектира апликант кој е роднински поврзан со блиско лице на министерот. Тука е од второстепено значење, во кој степен се тие роднини. Во еден од стандардите на Европскиот суд за човекови права се содржи и т.н. објективен и субјективен тест, при што објективниот тест педвидува, „трибуналот“ да биде составен од независни и непристрасни судии, но се осврнува и на перцепцијата на разумен набљудувач, кој треба да создаде слика дека „трибуналот“ е независен.
Од МНР не добивме одговор на прашањето во однос на тоа дали според нив, обвинителката Ристоска го исполнува условот на Стразбур да ужива висок морален интегритет.
Ристоска е обвинителката која го водеше еден од најголемите и најтешки случаи во Македонија, „Таргет-тврдина“, за прислушувањето, против Сашо Мијалков. Но и „Талир“ против челници на ВМРО-ДПМНЕ за незаконско финансирање на партијата, каде им го замрзна имотот. Сегашниот премиер, а тогаш само претседател на ВМРО-ДПМНЕ рече бил и уценуван со одмрзнувањето на имотот со продолжување на мандатот на СЈО. Истовремено, од обвинителката кандидат за во Стразбур не добивме одговор, дали тој интегритет е компромитиран поради случајот „Талир“ и начинот на распит на сведоците кој се коментираше во јавност.
Пред девет години, Стразбур ја врати листата и не избра ниту еден од предложените кандидати за судии – што претставува и срам за државата. Ова не е единствен ваков случај. Во 2018 година, поради родниниски односи со премиерот Еди Рама, Стразбур не прифати да го избере Даиран Павли за судија. Во 2021 година, таков случај имаше Украина, чии кандидати беа одбиени поради сомнителен морален интегритет.
Предлогот со името на Ристоска, но и судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски, треба да се најде на владина седница. Членовите ќе одлучуваат, по што листата ја доставуваат во Стразбур, а таму, конечната одлука ја носи Парламентарното собрание на Советот на Европа со мнозинство гласови.