Поранешниот телохранител на Сашо Мијалков и Никола Груевски, Драганчо Стоименов – познат како Дацо Белски, во поткастот „Претрес со Ландов“ изнесе тешки обвинувања против судијата од Основниот суд во Кочани, Спиро Борисов. Белски тврди дека од неговата екссопруга биле побарани 5.000 евра откако му била определена мерка притвор од истиот судија.
Белски во емисијата посочи дека, судијата имал директни контакти со неговото семејство, при што на неговата тогашна сопруга ѝ било побарано финансиско „помагање“, кое подоцна било оправдано како позајмица. Тој пред камерите тврдеше дека парите биле предадени, а како доказ презентираше пораки и скриншотови од комуникација меѓу поранешната сопруга и судијата. Според кажувањето на Белски, судијата во два наврати доаѓал и во домот на неговите родители додека тој бил во домашен притвор, при што, како што тврди, го советувал дека за него „можеби е подобро да си замине“, односно да ја напушти државата. Белски изјави дека токму поради, како што рече, неправдата и притисоците, денес се наоѓа во бегство од правдата.
Во рамки на емисијата беа прочитани и пораки за кои Белски тврди дека се разменети меѓу неговата поранешна сопруга и судијата Борисов, во кои се спомнува враќање на позајмени средства, вклучително и конкретен износ од 1.500 евра како дел од вкупната сума.
Редакцијата на „Скопје1“ се обиде да добие став од судијата Борисов, кој беше контактиран на два телефонски броја, но тој не одговори на седумте испратени прашања. Со тоа, до овој момент, судијата јавно не ги демантираше тврдењата изнесени од Белски, ниту презентираните пораки.
Прашања беа испратени и до Судски совет, со барање за појаснување како е постапено по поднесената претставка против судијата, дали е известено обвинителството, дали е побаран негов став и зошто, и покрај презентираните докази, судијата сè уште не е привремено оддалечен од функцијата. До моментот на објавување на овој текст, од Судскиот совет нема одговор.
Пораките видете ги тука:
Случајот отвора сериозни прашања за интегритетот на судството, евентуалното влијание и злоупотреба на судиската функција, како и за ефикасноста на институциите задолжени за надзор над судиите.


