Во Кочани шестгодишно дете било нападнато и каснато од улично куче, при што добило повреди во пределот на горниот дел од устата и отечено непце. За инцидентот на социјалните мрежи информираше неговата мајка, Ана Симонова, која сподели и фотографија од повредите.„Во саботата на 12.09 детето (6 години) е нападнато и каснато од куче скитник на горниот дел од устата. Детето е со отечено горно непце! Кој треба да одговара за уличните кучиња кои ги има во сè поголем број? Кoja институција е одговорна? Дали некое дете треба да биде распарчено за конечно да почнат да си ја вршат работата?“, напиша Симонова.Таа предупреди дека во дворот на ОУ „Малина Поп Иванова“ има цел чопор кучиња, поради што децата, како што вели, не можат да бидат безбедни за време на одморите. „Не можеш да излезеш да прошеташ како човек. Не е само во посоченото училиште – во трговскиот, во паркот тоа е чудо од кучиња скитници, а институциите не си ја вршат работата. Да се срамиш да кажеш дека живееш во Кочани… Страшна работа“, додаде таа.Граѓаните сè почесто алармираат на социјалните мрежи за проблемот со зголемениот број улични кучиња, барајќи од институциите системски и трајни решенија за нивното згрижување и контрола.

Сподели го овој напис