Кандидатот за градоначалник на Скопје и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во „Претрес со Ландов“ зборуваше за својата идеја на местото на депонијата Вардариште да изгради голем парк, кој, како што рече, ќе стане „новите бели дробови на Скопје“.„Откако ќе го направам паркот, да, јас ќе застанам таму лично со моето дете. Ќе отидеме и нема да ми смета почесто за викенди да одам таму“, изјави Ѓорѓиевски.Тој објасни дека првиот чекор е целосно одгаснување на депонијата, за што веќе бил во контакт со специјализирани странски компании, бидејќи во Македонија такви нема.„Прво треба Вардариште да се одгаси. Има метан таму. Но, одгасувањето не го попречува процесот да се започне со деконтаминација на просторот, односно чистење на депонијата“, рече тој.„Кога ќе влезам во градот Скопје, првите неколку дена ќе започнам со соодветен третман на Вардариште. Потоа ќе следи повеќеслојно поставување земја, а најгоре ќе биде хумус. Садиме трева“, додаде Ѓорѓиевски, притоа нагласувајќи дека претоварната станица не претставува пречка.„Триста илјади квадрати површина од која што се труделе и јас, и ти, и нашите родители. Одговорно тврдам дека на Вардариште ќе никне нов парк – новите бели дробови на Скопје“, истакна кандидатот.На прашањето од новинарот Ландов дали би ја повлекол идејата и извинил на граѓаните доколку експертите проценат дека теренот останува опасен за деца и рекреација, Ѓорѓиевски одговори:„Откако ќе исчистам депонијата? Да. Но не постои простор да не биде така. Јас ќе го завршам. Не сум спремен после мојот четиригодишен мандат граѓаните пак да се гушат со тоа што се случуваше на Вардариште повеќе од триесет години. Не може цело време да одбегнуваме од проблемот.“

Сподели го овој напис