Специјализираното одделение при Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поведе истражна постапка против 15 лица, осомничени за повеќе тешки кривични дела поврзани со нелегална сеча на шума во Малешевијата.Тие се товарат за злосторничко здружување и пустошење шуми, шестмина и за злоупотреба на службена положба, додека првоосомничениот е обвинет и за давање поткуп, а еден од осомничените за примање поткуп.Според обвинителството, во 2025 година двајца вработени во приватна фирма и полициски службеник формирале група со цел противправна заработка преку злоупотреба на овластувањата, корупција и нелегална сеча на дрвна маса. Во групата биле вклучени и лица вработени во МВР, ЈП „Национални шуми“ – подружница Малешево, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица.Во периодот на делувањето, била опустошена шума на површина од 6.000 хектари, при што биле исечени 1,5 милиони кубни метри дрвна маса со вредност од над 6,4 милијарди денари. Дрвото било транспортирано и продавано како легално исечено.Обвинителството посочува дека полициски службеници ја поддржувале групата со тоа што не преземале мерки и ги информирале организаторите за полициските патроли. Директорот на ЈП „Национални шуми“ – ПО Малешево давал одобрение за нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите и средствата користени за извршување на делата.Првосомничениот, во август и септември 2025 година, му дал поткуп од 6.100 евра на директорот на шумското претпријатие за да дозволи нелегална сеча, пред официјалниот јавен повик за експлоатација на опожарена дрвна маса.Обвинителството открива и дека вчера началник од полицијата предупредил член на групата дека претстои акција, кој пак ја пренел информацијата до организаторот. Организаторот им наредил на работниците да ги сокријат трагите, но при обид за „чистење“ на теренот бил фатен на лице место.Ценејќи дека постои опасност од бегство и влијание врз истрагата, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор за сите 15 осомничени.

Сподели го овој напис