СВР Скопје поднесе кривична пријава против 44-годишен скопјанец осомничен за опожарувањето на две дипломатски возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, со што случајот е целосно расчистен.Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Одделението за криминалистички работи при Полициската станица Центар и Бит Пазар вчера по итна постапка поднело кривична пријава против И.Д.С. (44) од Скопје поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело „предизвикување општа опасност“.Станува збор за случајот од 15 јуни годинава, кога беа опожарени две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје.Во текот на истрагата биле обезбедени повеќе материјални докази, меѓу кои снимки од видео надзор од повеќе локации, како и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.Според информациите од полицијата, при службениот разговор во полициска станица, осомничениот го признал извршувањето на кривичното дело.По преземените мерки и обезбедените докази, против него е поднесена кривична пријава по итна постапка, а натамошната постапка ќе се води пред надлежното обвинителство и суд.
Сподели го овој напис
