Обезбедувачот во дискотеката „Пулс“, Лазар Захариев, обвинет во судскиот процес за трагедијата во која згаснаа 63 животи, за првпат јавно говореше во „Претрес со Ландов“, опишувајќи ја драмата од критичната вечер и неговото гледиште за настаните.Во потресно сведоштво, Захариев раскажа дека сцените што ги видел, според него, биле полоши од хорор филм.„Луѓето беа во ситуација што на хорор филм не постои. Од внатре излегуваше чад, не се дишеше. Не можеш воздух да земеш. Беа испечени, рацете им беа изгорени, на некои ушите им чуреа. Сите беа налегнати и врескаа“, сведочи тој.Тој вели дека дел од присутните го препознавале и го молеле за помош.„Чичо Лазо, молам те помогни ми… Почнавме да извлекуваме кого можеме. Мораше на секои неколку секунди да излезеш надвор за воздух, инаку не можеш да издржиш“, раскажува Захариев.Според него, обидите за спасување биле исклучително тешки поради сериозните изгореници кај жртвите.„Кога ќе го допреш човекот, кожата му паѓа. Косата изгорена, телото опожарено. Нема како да го фатиш, нема како да го спасиш“, вели тој.Захариев тврди дека дел од лицата кои биле извлечени живи, подоцна починале, најверојатно од последици од вдишаниот чад.„Ги изнесувавме на нозе, свесни. Подоцна ги видов на телевизија дека починале“, додава тој.Во хаосот, како што раскажува, со полицаец се обидувале да реанимираат повредени лица.„Проверувавме пулс, правевме вештачко дишење. Кога ќе видиш дека артеријата е здебелена и нема реакција, ти станува јасно дека нема живот“, сведочи Захариев.Тој опиша и спасување на едно лице, кое го пронашле во бессознание на влезот.„Го полевав со вода, го реанимирав и ги отвори очите. Не можевме сами да го подигнеме, викнавме помош и го качивме во болничко комбе“, раскажува тој.Захариев останал на местото до раните утрински часови, учествувајќи во евакуацијата и обидите за спасување.Неговото сведоштво доаѓа во време кога судскиот процес за трагедијата е во тек, а јавноста сè уште бара одговори за причините и одговорноста за една од најтешките несреќи во земјата.
Сподели го овој напис
