Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против тројца осомничени за кривично дело изнуда, по член 258 од Кривичниот законик.Според обвинителството, во периодот од 16 до 18 септември, првоосомничениот, претставувајќи се како припадник на криминална група, со сериозни закани присилил оштетено лице да му исплати 60.000 денари. Од него побарал 1.000 евра со образложение дека ќе го „заштити“ од други луѓе кои наводно претходно му барале пари, заканувајќи се дека ќе го убие и ќе му ја запали куќата ако пријави во полиција.Оштетениот првиот ден предал 30.000 денари, откако толку можел да подигне од банкомат, но потоа сепак пријавил во полиција. Два дена подоцна, при договор за предавање на остатокот од парите, банкнотите биле крим-технички обработени. Веднаш по примопредавањето, осомничениот бил уапсен на лице место, а кај него биле пронајдени парите.Истрагата опфаќа уште две лица за кои постои сомнение дека во август и септември, во повеќе наврати изнудувале пари од истото лице. Тие го убедувале дека парите се наменети за други лица за да му го заштитат семејството, со што оштетениот бил присилен да исплати вкупно 27.000 евра.Обвинителството до судијата на претходна постапка поднесе предлог за притвор на првоосомничениот, кој беше фатен на лице место, додека за другите двајца побара мерки на претпазливост – задолжително јавување во суд и забрана за приближување до оштетениот и неговото семејство.

Сподели го овој напис