СДСМ денеска обвини дека последниот случај на фемицид во Велес е доказ за, како што велат, целосната неспособност на власта да обезбеди заштита на најважното – човечкиот живот.„За сите пропусти на институциите мора да има политичка и кривична одговорност,“ порачаа од партијата, додавајќи дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски треба веднаш да поднесе оставка. Според нив, тој се покажал како неспособен да ја гарантира сигурноста и безбедноста на граѓаните, особено на жените и децата.Од СДСМ оценија дека наместо институција која треба да штити животи, Тошковски го претворил МВР во „партиски сервис за интересите на власта и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ“. Тие потсетија на измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи, кои според нив ги истиснале професионалците и ја урнисале полицијата, претворајќи ја во партиски инструмент.„Скандалозните измени претставуваат директен удар врз функционирањето на безбедносниот систем, а последиците граѓаните ги чувствуваат секој ден,“ велат од партијата.СДСМ додаде дека додека МВР се води како партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе продолжат да живеат во страв. „После сите случаи на фемициди, еколошки катастрофи, пожари, убиства, запалени возила и престрелки додека Тошковски е на чело на МВР, неговата оставка е прв чекор кон враќање на безбедноста и спокојот на граѓаните,“ се наведува во соопштението.„Време е полицијата да се врати во служба на народот, а не на партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ,“ порачаа од СДСМ.

Сподели го овој напис