Крвава трагедија го потресе Прилеп доцна синоќа, каде во семејна куќа во центарот на градот беа пронајдени три безживотни тела – на 63-годишен маж, 43-годишен татко и неговиот 13-годишен син.
Според официјалните информации од МВР, трагедијата започнала на 12 јули околу 21:20 часот, кога К.Ч. (43) пријавила дека од нивниот дом се оддалечиле нејзиниот сопруг П.Ч. (43) и нивниот син. Таа изјавила дека се сомнева оти двајцата се упатиле во домот на нивниот роднина П.Ѓ. (62).
Полициски службеници веднаш извршиле проверка на локацијата, но никој не ја отворил вратата. По наредба од јавен обвинител, полицијата ја отворила вратата со употреба на сила, по што едно лице фрлило бомба кон нив – за среќа, таа не експлодирала. Додека полицијата се повлекувала, било отворено оган кон нив, по што било возвратено со службено оружје.
Околу 01:35 часот, лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт кај трите лица – П.Ч., неговиот малолетен син и П.Ѓ.
Основното јавно обвинителство Прилеп потврди дека се работи за двојно убиство и самоубиство. Според нивните првични сознанија, П.Ѓ. го убил својот внук од сестра и неговиот син поради долготрајни семејни конфликти и нерасчистени имотни прашања. Наводно, тој ги објавил мотивите и на една социјална мрежа пред да си го одземе животот.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и за вештачење на оружјето и муницијата пронајдени на лице место. Истрагата е во тек, а полицијата и обвинителството преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.