Непрецизниот закон остави простор за секој да си толкува сам дали можат членовите на судскиот и обвинителскиот совет да бидат и членови на Управниот одбор при Академијата за судии и обвинители, пишува „А1он“. Заедничко во мислењето на скоро сите правници, од професори до адвокати – е дека состојбата во правосудството е жална, а советите се со лош интегритет. Дури и да е законско назначувањето на Зоран Герасимовски и Фиданка Рајевска, чии судиска односно обвинителска функција се во мирување бидејќи се членови на советите, треба да се свесни дека не треба да бидат на двете функции поради преголемата концентрација на моќ. Единствени кои се изречни дека со назначувањето на Герасимовски и Рајевска нема ништо спорно се од Академијата на судии и јавни обвинители. Оттаму посочуваат дека и во минатото имало назначувања во Управен одбор од редот на советите.
„Да, смеат да бидат. Бидејќи се тие судии. Тие не можат да судат, но не се разрешени дека не се судии. Тие имаат функција судии“, велат од Академијата за судии и јавен обвинител.
Професорот Гордан Калајџиев, смета рејтингот на двата совети кои треба да гарантираат независност во судството и обвинителството е веќе лош, па така, новите функции на Герасимовски и Рајевска се спореден проблем.
„Јас мислам дека може; ова сигурно не е главен проблем во судството; рејтингот на судскиот и обвинителскиот совет е толку лош што ако имаат интегритет треба да си поднесат оставки“, вели Калајџиев.
Адвокатот Јанаки Митровски, смета дека советите се супер креативни во толкувањето на законот кога се работи за нивните позиции. Според него, треба и изрични забрани.
„Член 12 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е нејасен до крај, тоа е можеби и интенционално така конципирано, бидејќи вели од редот на судии и јавни обвинители, што остава простор за креативно толкување на Закон. Но тоа не е поентата, поентата е дека самите новоизбрани два члена треба да имаат многу повеќе сенс (осет) и да не се ни кандидираат или самокандидираат. Спој на две така важни функции е опасен бидејќи концентрира преголема моќ. Да потсетиме Академијата обучува иден судско обвинителски кадар и со самото тоа членување во нејзиниот УО носи огромен потенцијал за моќ, а во комбинација со судски или обвинителски совет би рекол и недозволива концентрација на моќ. Оттука, главното прашање не би требало да е дали имаат законско право (бидејќи гледате дека се супер креативни кога се работи за нивните позиции) туку дали треба да се бараат законски измени со кој изричито ќе се забрани член на совет на ЈО или судски совет да биде член на УО на Академија“, вели адвокатот Митровски.
Воислав Димовски, ексобвинител и адвокат, дециден е дека има правна пречка за Зоран Герасимовски и Фиданка Рајевска, да бидат со функции во мирување, а да го исполнуваат условот од законот кој предвидува избраните членови во Управен одбор на Академијата да се од редот на судиите и обвинителите.
„Неспорно дека со изборот на судиите и обвинителите за членови во Судскиот и Советот на јавни обвинители, нивната дотогашна функција е ставена во мирување. Во таа смисла постои правна пречка, па таквите кандидати неможе да се сметаат за судии односно обвинители во смисол на одредбите од Законот за Академијата. За мене особено треба да се испита следнава околност: дали при донесувањето на одлуката за членот на Управниот одбор на Академијата од страна на Обвинителскиот совет има судир на интереси. Имено според моите сознанија во гласањето учествувал член на Советот чиј близок роднина е кандидат во Академијата. Доколку е тоа така, станува збор за сериозно тргување со влијанија. Успеавме и Академијата за судии и обвинители која неспорно започна како проект под финансиско и секаков вид менторство на странците, да ја сведеме на семејна фирма. Сума – сумарум, овие случувања го бетонираат впечатокот дека состојбата во правосудството е жална и бара радикални мерки за да дојдат работите во нормала“, вели адвокатот Димовски.