Во текот на изминатото деноноќие полицијата регистрирала повеќе случаи на нарушување на јавниот ред и мир, физички пресметки и напади на подрачјето на Скопје и Велес, информира Министерството за внатрешни работи.Во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, околу полноќ дошло до физичка пресметка меѓу 33-годишен жител на Свети Николе и 37-годишен жител на скопско село, по претходна расправија.Претходно, во Шуто Оризари, по недоразбирање избувнала физичка пресметка меѓу двајца скопјани на возраст од 49 и 45 години, додека во Општина Аеродром, по вербална расправија, физички се пресметале двајца жители на Скопје на возраст од 56 и 62 години.Во друг случај, 33-годишен жител на селото Булачани пријавил дека во населбата Илинден бил физички нападнат од друго лице по претходно настанато недоразбирање во сообраќајот.Во Долно Соње, пак, 43-годишен скопјанец пријавил дека неговиот малолетен син бил нападнат од двајца малолетници кои ги познавал. Според пријавата, претходно едниот од нив го снимал и фотографирал со мобилен телефон, а при инцидентот бил употребен и тврд предмет.Полицијата постапува и по пријава од 61-годишен жител на Скопје, кој тврди дека во својот дом во Општина Аеродром бил физички нападнат од својата 54-годишна вонбрачна партнерка.Најсериозниот инцидент бил регистриран во Велес, каде што за време на спортска манифестација во Градскиот парк дошло до физичка пресметка меѓу повеќе лица. Полицијата привела шест лица, меѓу кои и двајца 17-годишни малолетници. За случајот бил известен јавен обвинител, а по неговото документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи.
Сподели го овој напис
