Министерството за внатрешни работи соопшти детали за обемната полициска акција спроведена на 23.04.2026 година, во која се сузбиени организирани криминални групи инволвирани во нелегален увоз и дистрибуција на медицински средства што се користат при естетски зафати.Акцијата е реализирана од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК. Во рамките на истата, врз основа на судски наредби од Основниот кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола.При акцијата лишени од слобода се 14 лица, меѓу кои доктори вработени во скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации, како и лица кои организирале транспорт и продажба на нелегално внесени медицински лекови и помагала, без одобрение од надлежен орган, без упатства и декларации.При претресите се пронајдени и одземени поголеми количини медицински препарати – филери, ботокс и хијалурон, како и 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари. Одземено е и патничко возило „порше“, поголема количина парфеми со декларации, мобилни телефони и тревкаста материја.Денеска, 24.04.2026 година, Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против 19 физички лица и шест правни лица.Дел од пријавените се товарат за кривични дела „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „злосторничко здружување“, додека други се гонат и за „примање поткуп“. Во пријавата се опфатени лица со иницијали Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31), В.С. (49), како и В.А. (61), Р.Т.Ѓ. (53), Н.К. (42), А.К. (45), Д.Ф. (44), М.И.В. (38), А.Т. (27), С.Ф. (36), К.А. (53), О.Д. (65) и С.А. (40). Пријавен е и А.М. (38), кој се товари и за примање поткуп.Според истрагата, во текот на 2026 година, дел од осомничените формирале злосторничко здружување кое делувало на подрачјето на Скопје и околината, а подоцна се проширило и во Источна Македонија. Во мрежата биле вклучени и правни лица од Скопје и Битола.Со цел да стекнат противправна имотна корист од големи размери, тие набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, меѓу кои ботокс, од Србија, Кореја и Турција. Препаратите биле нелегално внесувани во државата, складирани, дистрибуирани и продавани, а дел од нив биле и аплицирани врз лица при естетски зафати.Иако биле свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала кои не се увезени согласно законските прописи и немаат одобрение од МАЛМЕД, осомничените продолжиле со нивна употреба, со што, според МВР, предизвикале општа опасност по здравјето на граѓаните.Дополнително, пријавениот А.М., во својство на царински службеник, во два наврати примил поткуп за да овозможи нелегален влез на стоката без да биде извршена царинска контрола на две пратки со лекови.Истрагата продолжува, а надлежните институции најавуваат дополнителни мерки и постапки во зависност од доказите што ќе бидат обезбедени.
Сподели го овој напис
