По спроведена истрага, ОЈО ГОКК поднесе обвинителен акт против 10 лица и обвинителен предлог против уште 11 физички и четири правни лица до Основен кривичен суд Скопје, за повеќе кривични дела поврзани со даночни измами и перење пари.Според обвинението, во текот на 2023 година била формирана организирана група со цел вршење кривични дела, меѓу кои даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Организатори биле српски државјанин – сопственик на две фирми, како и двајца службеници од Управа за јавни приходи.Во периодот од 2023 до 2025 година, кон групата се приклучиле и други сопственици, управители и вработени во фирми од Скопје и Гевгелија.Првообвинетиот, според истрагата, прикажувал лажни податоци во даночните биланси со цел да избегне плаќање данок, при што не биле платени над 16,7 милиони денари. Двајца вработени во УЈП, како што се наведува, му помагале преку совети и отстранување на административни пречки.Дополнително, други обвинети со лажни пријави барале поврат на ДДВ, со што го оштетиле буџетот за над 33,6 милиони денари.Обвинителството наведува и дека дел од обвинетите вршеле перење пари во износ од над 401 милион денари, преку пуштање во оптек и трансфер на средства со цел прикривање на нивното потекло.Со обвинителниот предлог се опфатени и службени лица од УЈП, кои, според обвинението, со злоупотреба на службената положба овозможиле незаконска имотна корист од над 349 милиони денари, на штета на буџетот.За седуммина обвинети е побарано продолжување на притворот, а обвинителството доставило и предлог за конфискација на движен и недвижен имот во висина на причинетата штета, како и одземање на средства користени за извршување на делата.Во рамки на истрагата, преку меѓународна правна помош веќе е замрзнат имот на првоосомничениот, а по завршување на постапката ќе се бара конфискација и од српските власти.
Сподели го овој напис
