Министерството за внатрешни работи ги прими новите специјализирани возила за мобилно мерење на брзината – најсовремени „Форд“ модели опремени со интегриран радарски систем, камери со висока резолуција и софтвер за моментално лоцирање и документирање на прекршоци, дознава „Скопје1“.
Овие возила ќе патролираат низ државата и ќе регистрираат возила кои се движат со поголема брзина од дозволената, без разлика дали станува збор за градска зона, регионален пат или автопат.
Иако не е познато кога ќе бидат пуштени во редовен сообраќаен надзор, од МВР неофицијално дознаваме дека системот ќе се користи во рамките на новите мерки за зголемување на сообраќајната безбедност.
Засега останува непознато дали при утврдување на несоодветна брзина, поголема од дозволената, службениците ќе ги запираат возилата на лице место и ќе изречат казна или таа ќе стигне по пошта, слично како што прави системот „Сејф сити“.
Мобилните радари од овој тип се користат во повеќе европски држави и се покажаа како исклучително ефикасни во намалување на сообраќајните прекршоци и сообраќајните несреќи.
Германија користи мобилни радарски комбиња со вградени радари што мерат брзина без присуство на службеник во возилото. Тие се поставуваат на критични точки, а податоците се испраќаат автоматски до централниот систем за казни.
Француската полиција користи патни „Рено“ и „Пежо“ возила во кои има невидливи радарски системи. Тие можат да мерат брзина и додека стојат, но и додека се движат, дури и во спротивна насока.
Британската полиција користи комбиња со камери и радари што снимаат од далечина. Тие се поставуваат на патишта со висока стапка на несреќи и се покажаа како еден од најуспешните проекти за намалување на брзото возење.
Во регионот, Словенија и Хрватска веќе неколку години користат мобилни радари монтирани во полициски возила. Овие радари мерат брзина додека службениците патролираат, а се регистрираат и возила што доаѓаат од спротивната насока.
Последните години повеќе трагични несреќи во Македонија беа последица на екстремно брзо возење, особено во урбани средини. Новите мобилни радари се очекува значително да ја засилат контролата и да внесат дисциплина кај возачите кои свесно ја надминуваат брзината.






