Кинеската компанија AheadForm од Хангжу ја шокираше јавноста со демонстрација на роботска глава која изгледа застрашувачки реалистично и може да изразува емоции преку суптилни движења на лицето. Видеото кое се прошири на социјалните мрежи покажува лице што љубопитно ја набљудува просторијата, со трепкање и микроизрази кои создаваат убедлива илузија дека станува збор за вистинска личност.Од компанијата велат дека користат „самонадгледувачки АИ алгоритми“ и широк спектар на „бионичка активација“ за да се добие впечаток на автентични емоции и реалистични мимики. Демонстрацијата предизвика дискусии околу т.н. „долина на морнилата“ (uncanny valley), кога хуманоидните роботи се доволно слични на луѓето за да предизвикаат непријатност.„Па… Westworld е поблиску отколку што мислев,“ прокоментира еден корисник на Reddit, поврзувајќи ја демонстрацијата со познатата научно-фантастична серија за андроиди во забавен парк.AheadForm веќе развива серија „ултра-реалистични“ хуманоидни модели кои, според тврдењата, можат да го перципираат светот, да комуницираат, учат и интелигентно да интерагираат со околината. Основачот Ху Јуханг пред „South China Morning Post“ минатата година изјави дека во наредната деценија границата меѓу човекот и роботот ќе се замаглува сѐ повеќе. „Можеби за десет години ќе комуницираме со роботи и ќе чувствуваме дека се речиси човечки. А за дваесет години, тие можеби ќе можат нормално да одат и да извршуваат задачи како луѓе,“ рече тој.Иако фокусот на индустријата за хуманоидни роботи засега е на продуктивноста, сѐ повеќе компании, вклучително и Tesla, развиваат модели што би можеле да го заменат човечкиот труд. Сепак, дел од експертите сметаат дека специјализираните индустриски машини и натаму ќе бидат поисплатлива и поефикасна опција.AheadForm, пак, се обидува да ја подготви јавноста за иднина во која андроидите ќе бидат секојдневие.„Нашата цел е интеракцијата меѓу луѓето и роботите да биде што поприродна и поатрактивна,“ велат од компанијата. Но со оглед на вознемирувачки реалистичните погледи на нивните роботи, предизвикот ќе биде голем.

Сподели го овој напис