Утре, 18 септември, со почеток во 17:30 часот, пред главниот влез на Министерството за внатрешни работи ќе се одржи протест, а во 18:00 часот ќе следи блокада кај Жена Парк Борец, како заеднички крик против колапсот на институциите што, како што велат организаторите, дозволуваат континуирано насилство врз жени што завршува со фемициди.„Ве повикуваме да кажеме јавно и гласно дека насилството врз жените и фемицидите се неприфатливи! Ве повикуваме колективно да ги обжалиме сите девојки и жени кои изминативе години беа убиени од страна на поранешни или сегашни интимни партнери, зашто институциите и заедницата ги игнорирале нивните повици за помош. Ве повикуваме да излеземе на улица – онаму каде што насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи!“, порачуваат од Хелсиншкиот комитет, кој е меѓу организаторите.Под мотото „Ниту една повеќе“, протестот, според организаторите, има за цел да потсети дека фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство се зголемуваат, а убиството на 31-годишната Росица Коцева од Велес е последен трагичен пример.„Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени. Секој глас е важен. Дојди и кажи гласно дека женските животи не се безвредни!“, велат од Хелсиншки.Организаторите предупредуваат дека институциите – полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа – не постапиле согласно протоколите за заштита и законските обврски, што резултирало со уште една ненадоместлива загуба.

Сподели го овој напис