На 10 јуни 2026 година, околу 18:50 часот, на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Б. (26) од Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.Според МВР, претходно, околу 18:20 часот на булеварот „Партизански одреди“, тој, управувајќи мотоцикл, не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, кои биле на службени мотоцикли, туку продолжил со движење.Набргу потоа, откако бил пристигнат од полициските мотоцикли, 26-годишникот намерно удрил во еден од нив, при што и тој и полицискиот службеник паднале на коловозот. По судирот, тој го напуштил местото на настанот.Во инцидентот, полицискиот службеник се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“, каде му била укажана лекарска помош.По преземени мерки и активности, осомничениот бил пронајден и приведен. При неговото лишување од слобода, кај него биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. Дополнително, полицијата ја пронашла и торбичката што ја фрлил додека бегал со мотоциклот, во која имало повеќе од 100 таблети.Лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Сподели го овој напис
