Трифун Костовски, во гостување во поткастот „Претрес со Ландов“, изјави дека тврдењата дека имал можност да се збогати преку приватизацијата се лага и невистина.„Тоа е лага и невистина. Не припаѓам на тој систем, на таков начин на богатење. Никогаш не сум посегнал по нешто што не е мое. Јас сум живеел во светот на бизнисот. Порцеланка мене ме чинеше повеќе од 12 милиони евра загуба. Ако си стопанственик, за стопанство и производство мора да имаш пазар. Не ја купив доброволно, бев присилен да ја преземам бидејќи синдикатите буквално бараа помош. Им давав заеми на луѓе кои не можеа да ги вратат. Им ги давав парите, а тие ми велеа: „Ајде ти преземи ја.“ Јас ја презедов. Донесовме нова, комплетна линија за производство на најсовремени плочки, со целосна ретроопрема. Во тоа време имаше страшна криза. Јас не сум социјална установа, јас сум стопанственик. За да не пропадне Порцеланка, во производството наместо пропан-бутан, кој учествуваше со 51 отсто во трошоците за производство на плочките, барав од владата на Груевски да се доведе гасовод до индустрискиот дел на Велес, за и останатите објекти да можат да користат гас“, вели Костовски.Тој додава дека системот ја однел во пропаст „Порцеланка“ како и “Градски аптеки“, за кои тврди дека исто така биле уништени од системот.„Ги презедов за да влезам во бизнисот. Системот, преку судството и обвинителството, дозволи да не се одржи генералното собрание преку кое требаше да ги преземам Градски аптеки. Собранието не се одржа и тие завршија во стечај.Кермес е жива легенда. Дваесет години не ми е вратена парцелата. Маркичката ни е одземена веќе 20 години, иако постои пресуда од Врховниот суд. Повторно системот е виновен.Кометал ЛТД сè уште постои и работи. Се занимава со металопреработка. Оди тешко, глобализацијата си го направи своето“, додава Костовски.Тој изјави дека околу 700-800 луѓе од „Порцеланка“ останале без работа, од „Градски Аптеки“ околу 300 луѓе.
Сподели го овој напис
