Основниот кривичен суд одреди притвор за шест лица, куќен притвор за четири и мерки на претпазливост за девет осомничени во рамки на големата полициско-обвинителска акција за организиран криминал поврзан со нелегален увоз и дистрибуција на медицински препарати.Од судот информираат дека од вкупно 11 предлози за определување мерка притвор, обвинителството по сослушувањето на осомничените за две лица го преиначило барањето во куќен притвор. Судот прифатил едно од тие барања, додека за второто лице наместо куќен притвор изрекол мерки на претпазливост.За преостанатите девет лица за кои бил побаран притвор, судот уважил шест предлози, а за тројца наместо притвор определил куќен притвор.Со ова, вкупниот биланс од постапката е: шест лица во ефективен притвор, четири во куќен притвор и девет со мерки на претпазливост.Акцијата, која беше спроведена на 23 април од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на обвинител од ОЈО ГОКК, опфати повеќе градови – Скопје, Струмица и Битола, каде беа извршени претреси и приведени 14 лица.Според истрагата, осомничените делувале како организирани криминални групи кои набавувале и дистрибуирале нелегални медицински препарати – ботокс, филери и други помагала – без одобрение од надлежните институции, без декларации и без контрола.Во текот на претресите биле пронајдени и одземени значителни количини медицински средства, 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци, 26.000 денари, луксузно возило „Порше“, мобилни телефони, парфеми и други предмети.Обвинителството поднесе кривични пријави против 19 физички и шест правни лица за дела како злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.Истрагата покажува дека групите набавувале фалсификувани медицински препарати од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално биле внесувани во државата, а потоа складирани, дистрибуирани и користени при естетски зафати, со што, според надлежните, била создадена опасност по здравјето на граѓаните.Во предметот е опфатен и царински службеник кој се сомничи дека примил поткуп за да овозможи влез на нелегалната стока без соодветна контрола.Постапката продолжува, а обвинителството најавува дополнителни дејствија за целосно расчистување на случајот.
Сподели го овој напис
