Основното јавно обвинителство Свети Николе поднесе жалба на висината на казната од една година затвор, изречена за 21-годишникот од селото Сарамзалино, осуден за брутално семејно насилство врз својата бремена партнерка.Жалбата се однесува на санкцијата, која Обвинителството ја оценува како несоодветна со тежината на делото, имајќи ги предвид околностите под кои било извршено насилството.Претходно, Основниот суд во Свети Николе донесе неправосилна пресуда со која обвинетиот беше прогласен за виновен за кривичните дела „Телесна повреда“ и „Противправно лишување од слобода“, по што му беше изречена единствена казна затвор од една година.Според обвинението, настанот се случил на 19 и 20 февруари во семејниот дом, каде обвинетиот ја нападнал партнерката, ѝ го одзел телефонот и клучевите од автомобилот и ја заклучил во соба, држејќи ја против нејзината волја околу 15 часа.Во текот на нападот, тој ѝ нанел повеќе телесни повреди, удирајќи ја со тупаници и боксови по главата и телото. Кога жената се онесвестила, ја однел во бањата и ја освестил со ладна вода, по што продолжил со насилството.Обвинителството смета дека ваквите околности укажуваат на особена суровост и сериозност на делото, поради што бара повисока казна во жалбената постапка.
Сподели го овој напис
