Не е точно дека главниот пилот во МВР добил кривична пријава бидејќи претходно летал со хеликоптер без валидна дозвола. Тој се гони оти се стекнал со инструкторско звање без соодветна постапка, соопшти МВР.Оттаму поднесоа кривична пријава против Н.А. поради сомневање дека тој сторил фалсификување на исправа. Според ова, тој има дозвола за управување со воздухоплов, но му го спорат овластувањето за обучување на други пилоти.„Одделот за внатрешна контрола при МВР поднесе кривична пријава против Н.А., главен пилот во Одделот за воздухопловни единици, поради сомнение за кривично дело „Фалсификување исправа“ по член 378 став 3 од Кривичниот законик. Според пријавата, тој незаконски впишал овластување TRI BELL 206 во својата дозвола и истото го употребил како вистинито во постапки пред надлежни институции во земјава и странство“, велат од МВР.Станува збор за овластување за инструктор за конкретен тип хеликоптер – „Бел 206“. Ознаката TRI (Type Rating Instructor) значи дека лицето има право да обучува и проверува други пилоти за управување со конкретниот тип воздухоплов, како и да заверува обука и летачки часови.Такво овластување се стекнува по спроведена специјализирана обука и одобрение од надлежна воздухопловна власт, по што се впишува во пилотската дозвола како официјален податок. Но, МВР има свои правилници, па според неофицијални сознанија на „Скопје1“, пилотот добил звање со министерски потпис согласно интерен акт. Сепак, според поред пријавата, впишувањето во конкретниот случај било извршено незаконски.Кривичното дело „Фалсификување исправа“ опфаќа внесување невистинити податоци во службен документ или употреба на таков документ како вистинит. Во овој случај, според МВР, спорното овластување било користено во постапки пред институции во државата и надвор од неа, што му дава дополнителна тежина на сомнежот.
Сподели го овој напис
