Министерство за внатрешни работи информира дека на 25.02.2026 во 09:35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ја лишиле од слобода Ј.Ѓ. (27) од село Жидилово, кривопаланечко, поради сомнение дека спречила вработени од Агенција за храна и ветеринарство во извршување на службени дејствија.Како што соопштуваат од МВР, службените лица од Агенцијата постапувале по решение за спроведување мерки за одземање на домашни животни – крави. Ј.Ѓ. била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава.Претходно, Јулијана Ѓорѓиевска во изјава за „Скопје1“ тврдеше дека таа денес ги напасувала кравите сопственост на нејзиниот татко и дека при акцијата животните биле оттурнувани кон патните правци, што, според неа, предизвикало паника и ризик за јавната безбедност.Таа наведе дека се обидела да ги врати кравите подалеку од патот за да спречи можна сообраќајна несреќа, по што, како што тврди, била пресретната од полицајци и задржана од 9:30 до 15:00 часот.Ѓорѓиевска дополнително посочи дека при акцијата биле одвоени мајки од телиња, а подоцна, според нејзините наводи, една крава била удрена и усмртена на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, при што возачот го напуштил местото на настанот.Додека МВР наведува дека станува збор за попречување на службени дејствија, Ѓорѓиевска бара одговорност и протокол за вакви акции, оценувајќи дека начинот на спроведување создал ризик и последици.Случајот ќе биде предмет на понатамошна постапка.
Сподели го овој напис
