Министерство за внатрешни работи информира дека е лишен од слобода 40-годишен маж од ресенско, осомничен за повеќе измами врз повозрасни лица во Битола, при што судија на претходна постапка му определил мерка притвор во траење од осум дена.СВР Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Регионалниот центар за гранични работи Запад и Регионалниот центар за гранични работи Југ, до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против В.П. (40) од селото Стење, ресенско, со престој во Битола, како и против едно непознато лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ по член 247 став 1 од Кривичниот законик.Според информациите од МВР, на 5 февруари 2026 година, околу 11:30 часот во Битола, осомничените со цел да прибават противправна имотна корист довеле во заблуда 72-годишна битолчанка. Второосомничениот ѝ се јавил на мобилен телефон, лажно претставувајќи се и тврдејќи дека нејзината снаа е тешко повредена и дека итно се потребни пари и злато за операција. По кратко време, соучесникот дошол во домот на оштетената, која му предала златна огрлица и златно ланче со привезоци, со што сторителите се стекнале со противправна корист од околу 40.000 денари.Само еден ден подоцна, на 6 февруари 2026 година, околу 9:30 часот, во близина на Саат-кулата во Битола, истите лица измамиле уште една 76-годишна битолчанка и нејзиниот сопруг. Во овој случај, второосомничениот повторно се јавил телефонски, претставувајќи се како доктор од охридска болница и тврдејќи дека нивната внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и дека мора итно да се изврши операција. Оштетените, според договореното, отишле кај Саат-кулата и на првоосомничениот му предале 7.000 евра.По пријавувањето на случаите, полициските службеници презеле низа мерки и активности за нивно расчистување. Извршени биле претреси на повеќе локации што ги користел осомничениот В.П., при што биле пронајдени предмети за кои се сомнева дека потекнуваат од кривичните дела. По тоа, тој бил лишен од слобода, против него била поднесена кривична пријава, а судот му определил притвор од осум дена.Од МВР информираат дека интензивно се преземаат мерки и активности за пронаоѓање и лишување од слобода и на второосомниченото лице.
Сподели го овој напис
