До Собранието на Република Македонија досега пристигнале пет кандидатури за функцијата републички јавен обвинител, потврдија од собраниските служби. Рокот за поднесување пријави истекува денеска на полноќ, што значи дека во текот на денот сè уште постои можност листата на кандидати да се прошири.Меѓу пријавените се Владимир Панчевски, поранешен претседател на Основниот кривичен суд Скопје, обвинителките Лидија Раиќевиќ и Ленче Ристоска, актуелниот судија во Кривичниот суд Ненад Савевски, како и актуелната вршителка на должноста републички јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска.Функцијата остана испразнета откако поранешниот републички јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември минатата година поднесе неотповиклива оставка. По неговото заминување, Советот на јавни обвинители за вршител на дејноста ја избра Тополова-Исајловска, која сега се јавува и како кандидат за полн мандат.Инаку, оваа позиција одамна ја следи контроверзна репутација. Покојниот државен јавен обвинител Александар Прчевски уште во 2006 година функцијата републички јавен обвинител ја опиша со саркастичниот и горчлив израз „последната будала“, предупредувајќи дека станува збор за позиција во која обвинителството ризикува да биде претворено во продолжена рака на извршната власт, наместо независен чувар на законитоста.
Сподели го овој напис
