Семејството на Теодора Ристовска, која беше усмртена на пешачки премин во сообраќајна несреќа во Тетово, остро реагира на одлуката на Апелациониот суд во Гостивар со која е потврдена пресудата на Основниот суд во Тетово. Обвинетиот Менсур Пајазити од селото Голема Речица е прогласен за виновен и осуден на две години затвор.„Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши“, изјави нејзината сестра Ева Ристовска.Семејството обвинува дека со „блага и селективна казна“ судството создава уште поголема недоверба кај граѓаните.„Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот, туку и самиот систем“, велат во обраќањето.Тие нагласуваат дека осудениот повторно управува возило, без чувство на вина, што го сметаат за навреда за сеќавањето на Теодора.„Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва“, порачува семејството.Иако понатамошниот правен пат зависи од Јавното обвинителство и можноста предметот да заврши пред Врховниот суд, семејството Ристовска најави дека нема да замолчи и ќе продолжи да бара одговорност.„Правдата мора да биде видлива, опиплива и вистинска. Животот на Теодора не е бројка во досие — тоа е нашата вечна рана. И нема да престанеме да бараме правда, за да покажеме дека жртвите не се оставени сами“, стои во реакцијата на семејството.
Сподели го овој напис

