Работник од Република Албанија го загуби животот при тешка несреќа на работно место во близина на селото Требеништа, општина Дебрца, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопштува МВР, на 19 декември 2025 година во 16:10 часот во СВР Охрид било пријавено дека при изведување работни активности на трафостаница, врз Х.И. (44) од Либражд, Албанија, паднала работна машина – пумпа за бетон.
Повредениот се здобил со тешки телесни повреди и со патничко возило бил пренесен во близина на аеродромот Охрид, каде што бил предаден на екипа на Итната медицинска помош. Лекарите констатирале смрт.
Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител, полициски службеници, како и претставници на Државниот инспекторат за труд. Се преземаат мерки за утврдување на причините за несреќата и евентуална одговорност.




